Според првичните информации, загинале најмалку 46 патници во автобус од Северна Македонија кој сообраќал кон Скопје. Автобусот се запалил и се превртел, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека ова е една од причините зошто луѓето не можат да се спасат. Инцидентот се случил нешто по 2 часот по полноќ кај селото Боснек во делот на автопатот Струма меѓу Перник и Дупница, на 31 километар југозападно од Софија. „Автобусот во Бугарија влегол од Турција. Жртвите се државјани на Северна Македонија. Меѓу нив има и 12 деца“, изјави за БТВ директорот на Генералниот директорат на Националната полиција Станимир Станев. Едната верзија е дека автобусот удрил во заштитната ограда. Не може со сигурност да се каже дали автобусот прво излетал, а потоа се запалил или најпрво се запалил па излетал, додава БТА.

„Веројатно се работи за техничка неисправност, пред тоа има дупната гума“, изјави за БТВ Николај Николов, началник на Генералната дирекција за противпожарна безбедност и заштита на населението при МВР. Според него, можно е пожарот да избувнал пред да се преврти автобусот. Во несреќата не беа инволвирани други автомобили. Сообраќајот на автопатот е запрен во двата правци. Седум лица биле спасени и пренесени во Итната болница Пирогов во Софија. Станува збор за 17-годишно девојче и шест возрасни лица. Нема опасност по нивните животи.

Истрагата ја презеде екипа на Националната истражна служба, изјави портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева. Премиерите на двете земји Стефан Јанев и Зоран Заев се на пат на местото на несреќата. Јанев им изрази сочувство на семејствата на загинатите и ги повика истражителите да си ја завршат работата. „Имаме огромна трагедија, немаме ништо добро да кажеме, трагедија која не потресе и бара државата брзо да реагира. Да ги оставиме истражните органи да си ја завршат работата“, рече Јанев. Тој информира дека во раните утрински часови се слушнал со премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев.