Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг денеска рече дека НАТО нема да испрати свои војници во Украина бидејќи сака да избегне војна со Русија. Изјавата ја даде на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, и по тој повод потсети дека од избувнувањето на војната во Украина, НАТО значително ја зајакна својата поддршка за таа земја за да го задржи правото на самоодбрана, пренесува „ТАСС“.

„Главната одговорност на НАТО е да ги заштити сите свои сојузници и да направи се за да спречи ескалација на оваа војна. Не сакаме да предизвикаме конфликт, туку да го спречиме и да го зачуваме мирот“, рече Столтенберг.

Тој исто така рече дека од 2014 година земјите-членки на НАТО веќе потрошиле десетици милијарди долари за обука и опремување на украинската армија. Тој додаде дека земјите-членки на Алијансата почнале да ја зајакнуваат сопствената безбедност таа година и дека околу 40.000 војници кои се во близина на границата со Русија во моментов се под команда на НАТО.

„Инвестирани се значителни средства во авијацијата и морнарицата. Уште 100.000 војници се во готовност во близина на руската граница“, рече Столтенберг.

На крајот, тој рече дека НАТО сите тие подготовки ги смета за „мерки на одвраќање“ со цел да се елиминира секоја можност за недоразбирање или лоша проценка во Москва.